МИЛАНОВА ИГРА
КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА МАЕСТРО МИЛАН ЗАВКОВ
Безвремените ора и песни на маестро
Милан Завков во изведба на камерен оркестар
а
27.03.2026 | 20 часот
Македонска Филхармонија

МИЛАНОВА ИГРА
КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА МАЕСТРО МИЛАН ЗАВКОВ
27.03.2026 | 20 часот
Македонска Филхармонија

За Миланова игра
„Миланова игра“ е концерт-омаж посветен на еден од највлијателните македонски композитори и културни дејци – Милан Завков, автор кој остави длабок белег во развојот и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор.
Концертот има за цел повторно да го доближи неговото творештво до публиката преку современи музички интерпретации што ја спојуваат традицијата со современиот израз. Делата ќе бидат изведени од камерен оркестар, специјално оформен за оваа пригода.
Програмата вклучува избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, преработени од двајцата врвни аранжери – Дамир Имери и Дарко Илиевски. Новите аранжмани ќе внесат свежина и модерност, комбинирајќи го народниот звук со современи хармонски и оркестарски решенија, прилагодени за камерна изведба.
Во рамките на концертот, камерниот оркестар ќе биде централниот изведувачки ансамбл, составен од избрани инструменталисти и солисти кои ќе го доловат богатството и суптилноста на музичкиот јазик на Завков. Оркестарот ќе биде дополнет со вокални солисти кои ќе ги изведат неговите најпознати песни, преработени во современи камерни верзии. Таа комбинација на вокал и инструментална музика ќе овозможи целосно доживување на неговиот творечки свет – од интимните мелодии инспирирани од народниот дух, до комплексните инструментални текстури.
Специјални гости

Дино Имери

Наум Петревски

Сузана Спасовска

Катарина Броња

Горан и Ленче Кукиќ

Зуица Лазова
Специјални гости






Поддржувачи и партнери


Поддржувач

Mедиумски партнер

Mедиумски партнер
За Милан Завков
Милан Завков е композитор кој инспирацијата ја црпеше од македонскиот народен мелос, од неговите ритми, интонации и мотиви. Тој беше мост помеѓу изворниот фолклор и уметничката музика, претворајќи ги народните елементи во современи музички дела без да ја изгубат својата автентичност. Повеќе од 45 години создаваше, изведуваше и афирмираше македонска изворна и новокомпонирана народна музика.
Како композитор има создадено околу 200 композиции и незаборавни рефрени за врвни изведувачи како Виолета Томовска, Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Благица Павловска, Сузана Спасовска, Гоце Арнаудов, Наум Петрески, Ефто Пупиновски и многу други. Како аранжер има изработено околу 600 аранжмани, и за свои, и за композиции од други автори.
Заедно со неговиот брат Тодор Завков, Миле Барбаровски, Никола Митровиќ и Мирослав Бушиновски во 1980 година ја формираат музичка група „Македонски мерак“.
Во периодот 1992 – 2002 година е раководител на оркестарот на Фолк Фест Валандово, каде под негово водство се реализирани и снимени над 400 новокомпонирани композиции.
Неопходно е да се одбележи дека како солист инструменталист има одржано повеќе концерти во Р. Македонија, 11 солистички концерти во Австралија, како и 9 големи турнеи во Канада и С. Америка, со што директно придонесе за ширење и афирмација на македонската народна музика во светот. Заедно со саксофонистот Ферус Мустафов, имаат реализирано преку 200 концерти на сите позначајни етно фестивали во Европа.
Од 2000 година, Милан Завков е вработен во државниот ансамбл „Танец“, како музичар, инструменталист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот.
Во периодот од 2009 до 2016 Милан Завков е уредник и раководител на оркестарот на една од најпопуларните телевизиски емисии за народна музика „Зајди Зајди”, од која се снимени и емитувани околу 270 епизоди.
Неговата работа ја постави основата за разбирање на фолклорот како жив уметнички јазик, способен да се менува и да опстојува преку современи стилски изрази. Преку своето творештво, Завков ја афирмираше македонската музика на меѓународно ниво, докажувајќи дека локалниот музички идентитет може да биде универзално комуникативен.






Специјална музичка обработка и аранжмани на

Дамир Имери е македонски пијанист, композитор и аранжер, препознатлив по својот современ и иновативен пристап во спојувањето на класичната, џез и етно музика. Во својата богата кариера Имери е дел од најзначајните музички состави како Биг бендот на Македонската-Радио телевизија и оркестарот на МОБ, а својот придонес го дава и како дел од составот на повеќе естрадни ѕвезди како Тоше Проески, Владо Јаневски, Дарио, Игор Џамбазов, Драган Мијалковски и други. Имери е добитник на повеќе награди и признанија, а зад себе има богато портфолио на авторски композиции, како и соработки со водечки македонски уметници и ансамбли.

Дарко Илиевски е магистер по музичка уметност и истакнат македонски инструменталист, аранжер и уметнички раководител со повеќегодишно искуство во полето на народната и уметничката музика. Од 2013 година е дел од Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, каде од 2020 година ја извршува функцијата уметнички раководител на оркестарот. Како хармоникаш и активен концертен музичар, Илиевски учествувал во преку 40 меѓународни фестивали и проекти, и има широко познавање на фолклорната идиоматика, оркестрацијата и дигиталната обработка на македонското музичко наследство.
Бидете дел од ова уникатно музичко доживување
„Миланова игра“ е можност да се слушне наследството на Милан Завков како жива, актуелна и уметнички релевантна музика, наменeта за оние што ја препознаваат вредноста на македонската фолклорна традиција и сакаат музика со културен контекст, приказна и длабочина.

